Jason Miko
4 min readAug 28, 2020

Не дозволувајте да ве обесхрабри нивната ароганција

Неодамна, во разговор со колега во мојата канцеларија, стана збор за државниот долг и за дефицитот. Двајцата сме фискално конзервативни во нашите размислувања и јас наглас прашав од каде доаѓа оваа идеја дека „долгот и дефицитот веќе не се важни“ или барем не претставуваат проблем за една држава, како што слушаме од голем број наши политичари, економисти и професори. Оваа идеја е позната како „модерна монетарна теорија“ (ММТ) и според неа, ако една држава ја контролира својата валута — значи ако може да печати пари — тогаш може да продолжи непречено да трупа долгови без да претрпи некои посериозни последици. Се поголем број лица ја поддржуваат оваа теорија — идејата дека државата може најбуквално да печати — или по старински — да искова — онолку пари колку што и се потребни за да стане богата.

Сепак, историјата не учи дека не е така. Ниту една влада — на град држава, на империја, национална влада, ниту едно кралство — не успеало да создава пари без покритие, од ништо, , без притоа да предизвика катастрофални последици за своето општество и народ.

Го прашав колегата од каде црпат сила овие бројни експерти кои велат дека можеме без проблем да печатиме пари и го добив наједноставниот, но сепак најточен одговор — од нивната ароганција.

Тоа е тоа. Ароганцијата. Горделивоста. Умисленоста. Сеедно кој збор ќе го употребиме. Тие што велат дека можеме да станеме богати со печатење пари исто така тврдат дека овојпат работите ќе завршат поинаку, за разлика од минатиот пат кога сме го пробале истото. Тие тврдат дека сите држави кои во минатото се обиделе во нешто — и не успеале — не биле доволно паметни и не знаеле како да го спроведат планот.

Ароганција.

Со што доаѓам до Македонија (знаевте дека конечно ќе дојдам до вас).

По најавата на „новата“ македонска Влада, слушнавме дека Артан Груби, личниот асистент на Али Ахмети, ќе ја добие новосоздадената функција на „ко-премиер“ (иако нема да ја носи таа титула). Груби воедно се пофали дека со изборот на Бујар Османи за министер за надворешни работи, Албанци ќе држат три дипломатски служби на Балканот — во Македонија, Косово и Албанија. Ова е горделивост и чиста ароганција.

Зоран Заев, пак, најмногу од се сака да си помуабети со некоја светски позната личност кога ќе му се јави по телефон. Мисли дека самото тоа што важни странци му се јавуваат го прави и него да биде важна личност. По втор пат во неговата кариера како премиер, арогантноста го натера Заев да прифати телефонски повик од лажна странска личност — овојпат од шведската активистка Грета Тунберг. Во разговорот со „Грета“, Заев гувееше „ти благодарам Грета, ние неодамна си го сменивме и името бидејќи сакаме официјално име на државата сакаме градиме пријателство да бидеме модерна земја и сега ние станавме република Северна Македонија…“. Заев понатаму и вели на „Грета“ како одгледува марихуана и како нашите млади луѓе ја почнале постапката за легализација на марихуаната за рекреативна употреба и и ветува дека и тој и Северна Македонија „ќе и бидат на располагање“. Ова се вика додворување. А сепак, поради неговата ароганција, Заев не можеше да сфати дека сето беше лага.

Истата ароганција постојано ја гледаме кај западните елити. Американската амбасадорка Кејт Брнс неодамна во интервју со 360 Степени им се закани на Македонците да не се обидуваат да го поништат таканаречениот „договор од Преспа “ велејќи дека секоја таква помисла може да предивика „тензии во НАТО“ што е смешно — зарем во моментов нема тензии меѓу повеќе земји членки на НАТО? Секако дека има и секогаш ќе има. А сепак НАТО функционира сосем добро. Ако тоа што Македонците ќе си го земат своето вистинско име назад предизвика тензии во НАТО тогаш НАТО има сериозни и длабоки внатрешни проблеми. А сепак, поради својата ароганција, американската амбасадорка во Македонија мисли дека може да си дозволи да изнесува вакви закани.

Разгледувајќи ги моите стари архиви најдов колумна од 15 ноември 1997 година, напишана од Бранко Героски, тогаш уредник на сега веќе затворениот весник „Дневник“, во која пишуваше за претстојните избори во 1998 година. На средба на партиските лидери со тогашниот претседател Киро Глигоров, лидерот на СДСМ и премиер Бранко Црвенковски му порачал на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски дека „ќе те згазам како шлепер жаба“. Героски вели дека „според очевидци на средбата, лидерот на СДСМ му рекол на Георгиевски дека ќе остане премиер и по изборите, како и дека Македонија дефинитивно ќе влезе во ЕУ пред Романија и Бугарија“. Героски вели дека „премиерот Црвенковски несомнено е човекот со најмногу политичка моќ во земјата и затоа е важно да биде свесен за својата ароганција“. Героски му забележува на Црвенковски дека арогантното однесување и манифестирањето на сурова моќ станало негов препознатлив знак и дел од неговиот имиџ како млад премиер кој до неодамна беше многу подобар, поскромен и некако почесен. По 23 години лидерот на СДСМ и некогашен и иден премиер е повторно крајно арогантен човек.

Арогантните секогаш паѓаат. Секогаш. Приказната за падот на горедливите е стара како и човештвото. Во Стариот Завет, една од првите и најдобрите приказни е посветена на Вавилонската кула — кога луѓето мислеле дека ќе можат да изградат кула што ќе допре до небесата, но биле спречени во оваа намера. Истото ќе им се случи и на арогантните лица кои сега владеат со Македонија, или на горделивите западни елити кои се мешаат во Македонија. Бидете сигурни во тоа и не дозволувајте да ве обесхрабри нивната ароганција.

Jason Miko
Jason Miko

Written by Jason Miko

Proud American & Arizonan w/Hungarian ethnicity & passion for Macedonia, Hungary & Estonia. Traveler, PR man, history buff & wine, craft beer & cigar enthusiast

No responses yet